Инвестициски фондови - Bits of insurance

Инвестициски фондови

Екипата од Bits of Insurance, започнува серија на разговори со Јован Радановиќ од друштвото КБ Публикум Инвест АД Скопје. Целта ни е информирање и приближување на инвестициското размислување кон пошироката јавност.

Здраво Јован, за почеток ако може да ни кажеш што претставува инвестициски фонд?

Инвестициски фонд се здружени средства на голем број на инвеститори, кои потоа се инвестираат со цел остварување на атрактивни приноси со прифатливо ниво на ризик.

Кој може да биде инвеститор?

Секое физичко и правно лице кое е заинтересирано за инвестирање на парични средства и остварување на принос може да пристапи кон некој инвестициски фонд.

Дали е сигурно да се вложат средства во инвестициски фонд и кој управува со имотот?

Со средствата во инвестицискиот фонд управува друштво, кое мора да биде регистрирано како акционерско друштво. Пред да отпочне со работа, друштвото треба да исполни одредени услови согласно законска регулатива и да добие дозвола од Комисијата за хартија од вредност. Всушност, како банките, така и друштвата за управување со инвестициски фондови подлежат на институционална регулација и на посебен „Закон за инвестициски фондови“, се со цел да се овозможи максимална заштита на инвеститорите и вложените средства.

Колку друштва за управување со инвестициски фондови има и колку фондови постојат во Република Македонија?

Во Република Македонија постојат 5 друштва кои управуваат со вкупно 15 фондови.

Што е разликата помеѓу фондовите и зошто постојат поголем број на фондови?

Причината за постоењето на различни типови на фондови е да се излезе во пресрет на инвеститорите, односно да се обезбеди принос и ризик кои ќе одговара на нивните лични преференции. Поедноставно кажано, доколку станува збор за ризичен фонд кој вложува во исклучиво во акции тогаш очекуваниот принос на долг рок е повисок во споредба со поконзервативните фондови. Истовремено, пазарните осцилации се исто така поголеми во услови на зголемена неизвесност (неповолни пазарни услови во случај на економска криза или геополитички турбуленции)

Какви типови на фондови постојат во Република Македонија?

Генерално, Фондовите во Република Македонија можат да се поделат на три групи:

  • Парични (кеш) фондови,
  • Фондови кои вложуваат во обврзници (обврзнички) и
  • Фондови кои вложуваат во акции (акциски)

Исто така, постојат фондови кои се комбинирани (Балансирани) и вложуваат во сите горенаведени инструменти.

Сподели ја оваа објава

Коментари

%d bloggers like this: