Интервју со Ѓорѓе Војновиќ - Извршен директор на Триглав осигурување - Bits of insurance

Интервју со Ѓорѓе Војновиќ – Извршен директор на Триглав осигурување

Bitsofinsurance оваа година е единствениот медиум од Македонија кој што го покриваше SorS и навистина ни е драго што сме дел од манифестацијата, особено бидејќи оваа година имаме многу значајна вест за покривање а тоа е Вашето станување на претседател на SorS.

  • Имате многу интересна биографија, од кошаркарски репрезентативец во првата Македонска репрезентација, преку директор на многу компании во Македонија до извршен дирекор на Триглав. Што беше пресудно да преминете од спортот во осигурителната индустрија? На SorS се зборуваше многу за проблемот на привлекување на талент во осигурувањето. Вие дефинитивно станувате доказ за спротивното, дека осигурувањето може да биде интересно. Што беше мотивот кај Вас? Како осигурителните компании можат да привлечат повеќе талент?

Успехот на една компанија во голема мера се должи на квалитетот на нејзините вработени, нивниот пристап кон работата и кон компанијата. Една од причините што Триглав Осигурување е долгогодишен лидер на пазарот е и посветеноста на нашите вработени кон зацртаните цели. Токму тука лежи интересот во корпоративниот сегмент за привлекување на таленти, кои со своите познавања, експертиза и работна етика придонесуваат кон извонредни резултати. И не само тоа, талентите се тие кои ја одредуваат корпоративната енергија и култура, чија кохезија помеѓу стручноста и односот кон работата ги мотивира вработените. Креирањето на корпоративни стандарди и вредности на работење и однесување, компетитивност, но и тимска работа, корпоративниот углед, пристап до know-how во рамки на големи групации како алатка за личен и професионален развој, како и креирањето можности за кариерен раст се само дел од алатките коишто една организација може да ги употреби за да биде атрактивна за талентите. Градењето на современ и технолошки добро поткрепен систем во ова дигитално време е уште еден фактор кој што придонесува кон привлечноста на една компанија. И секако предизвикот. Тоа е еден од факторите што мене лично ме привлекоа во корпоративниот свет. Трансферот од кошарката во бизнисот е секако голем предизвик, затоа што почнуваш повторно од нула. Превземањето на одговорност да водам компанија каква што е Триглав Осигурување го направи тој предизвик уште повозбудлив. Она што го научив од ова искуство досега е дека со добри соработници и тим покрај себе ниту еден предизвик не е ненадминлив, ниту еден проблем не е нерешлив. Едно е сигурно, претходните искуства и кариререн пат секако придонесоа да имам по малку дистинктивен начин на менаџирање, својствен на моите убедувања. Но, сметам дека тоа е еден од главните бенефити, коишто како индивидуалци можеме да ги донесеме во колективната средина – индивидуалност и новини, како нова креативна сила.

Ѓорѓе Војновиќ
Ѓорѓе Војновиќ
  • Во Македонија Триглав е водечка компанија за 2017 година во неживотното осигурвање во Македонија. Кои се вашите цели за 2018та година? Што правите на полето на новите трендови во осигурувањето: оптимизација на реосигурувањето, попаменто инвестирање, дигитална трансформација, приближување до крајните корисници, зголемување на брзината во решавањето на штети?

Добрите резултати, што компанијата ги постигнува години наназад, па и во 2017-та година, се одраз на експертизата и балансираното управување со компанијата и со сите нејзини процеси, како и фокусот на клиентите, којшто диктира прилагодување на понудата на потребите на пазарот и наложува супериорен квалитет на услугите коишто компанијата ги обезбедува.

Како лидери на пазарот не сме фокусирани само на она што пазарот го нуди, туку кој е неговиот потенцијал за развој и раст. Инвестираме во нови, иновативни производи и услуги, кои што на клиентите ќе им обезбедат дополнителна вредност, ги подобруваме постоечките производи, сѐ со цел да го понудиме најдоброто и од другата страна да се сретнеме со задоволни клиенти. Веќе нудиме дополнителни услуги, како комплементи на постоечки производи, како Триглав автомобилската асистенција и домашната асистенција. Во 2017-та година понудивме први на пазарот осигурување на побарувања, производ кој што пред сѐ претставува заштита од ненаплатени побарувања, кои што во принцип значат загуба за една компанија. Овој производ има влијание врз многу сегменти од работењето на една компанија, бидејќи, покрај основната заштитна улога, тој овозможува и подобрување на перформансите во работењето, а интересот што корпоративниот сегмент го покажува за овој производ говори дека компаниите ги препознаваат придобивките што ги нуди осигурувањето на побарувања.

Еден од најзначајните сегменти за нас е доброволното приватно здравствено осигурување, за кое што осигурениците сеуште немаат доволно познавања и токму поради тоа, во нашиот фокус е неговиот развој, согласно потребите и спецификите на пазарот, како и информирање на јавноста за предностите што ги нуди.

Дигитализацијата на процесите и на каналите на комуникација секако е еден од најважните и најнеизбежните предизвици со коишто се соочуваме. Таа денес е предуслов за животниот стил и навиките, потребите и преференците на луѓето. Почнавме да нудиме електронска обнова на полиси за осигурување од автоодговорност, а наскоро секако ќе понудиме и многу други дигитални решенија за нашите клиенти.

Задоволството и лојалноста на нашите клиенти во голема мера се должат на едноставноста со која што се справуваме со предизвиците, како и високиот удел во исплатени штети. Но, верувам дека најзаслужни за сето ова се нашите вработени, чија професионалност, експертиза и посветеност на работата најмногу придонесуваат да бидеме најдоброто на пазарот.

  • Кои метрики ги користите како компанија за мерење на ефикасноста на вработените?

Ангажираноста и ефикасноста на вработените Триглав Осигурување ја мери преку годишно истражување, односно мерење на организациската виталност на компанијата. Ова истражување, меѓу другото, ги мери ангажираноста, т.е. залагањето на вработените, индивидуалната активација (лична проактивност), посветеноста (ангажираност во потесна смисла), како и степенот на активација во тимот (тимска соработка). Истражувањето го утврдува процентот на ангажираност на вработените на сите нивоа. Дополнително, го воведовме системот за Целно водење, преку кој што се мери и оценува ангажираноста на вработените во остварувањето на нивните цели како поединци, со што, на еден ефикасен начин се достигнуваат целите на организациските единици и на организацијата како целина.

Сепак, задоволството и лојалноста на нашите клиенти се најдобриот показател за ефикасноста во работењето на компанијата. Преку независна агенција за спроведување на истражувања редовно го мериме задоволството на клиентите во доменот на обработка на штети, каде континуирано постигнуваме позитивни и сѐ подобри резултати. Според последното мерење на задоволството, оценката на клиентите за ефикасноста на Триглав Осигурување во доменот на обработка  на штети изнесуваше 4,8 од вкупно 5, што за нас е индикатор дека се движиме во вистинскиот правец.

  • Кои беа потешкотиите за Триглав да го имплементира Solvency II и како се спремате за IFRS 17 кој стапува на сила во 2021?

Да се биде дел од групација како Триглав значи и полесен пристап кон алатки и процеси, кои што овозможуваат навремено усогласување со правните новитети во ЕУ опкружувањето.

Solvency II и IFRS 17 се европски регулативи, кои што сеуште не се имплементирани во Македонија, но ние, како дел од регионална групација, имаме обврска да известуваме по Solvency II кон матичната компанија, па во таа насока Триглав Осигурување веќе врши проценка на ризиците согласно истата, иако тоа сеуште не е регулирано со закон во Македонија. Што се однесува до регулативата IFRS 17, веќе почнавме со работилници, кои што ќе овозможат пренос на пракса и знаење, што верувам дека ќе придонесе кон навремено усогласување.

  • Што превземавте во однос на GDPR?

Триглав Осигурување АД, Скопје, по примерот на матичното друштво во Словенија каде веќе се применува GDPR, активно се подготвува во правниот и информатичкиот дел да ги имплементира промените пропишани од страна на Европската Унија во Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR).

Промените во правниот дел и доработките во информацискиот систем опфаќаат процеси и активности што ќе ги задоволат барањата на Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR).

Имајќи го предвид фактот дека Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR) во Република Македонија ќе се имплементира и транспонира со донесувањето на новиот Закон за заштита на личните податоци, известувањето на клиентите е процес кој е директно поврзан со оваа постапка.

  • По завршување на конференциајта вие сте официјално назначен за претседател на SorS, за што ќе се залагате во вашиот мандат, какви идеи имате? Дали една цел ќе ви е што повеќе македонски осигурителни компании да се вклучат на здружението?

Организацијата SorS, пред сè, е формирана да придонесе кон унапредување на осигурителниот бизнис во регионот, па во таа насока моите заложби како претседател ќе бидат дигитализација и, следење и имплементација на модерните текови во осигурувањето, кои што веќе се поставени како стратегија за наредниот период. Членувањето во организацијата, покрај тоа што нуди можност за размена на знаења и позитивни практики, овозможува развој на осигурителниот бизнис на научно ниво, помагајќи во издавањето на научни трудови од таа област и полесно поврзување на експертите од регионот. Имајќи го сето ова во предвид, би било навистина корисно доколку дел од останатите македонски осигурителни компании се вклучат во оваа организација.

Размената на искуства и добра пракса од регионот, кои се карактеристични за конференциите на SorS, секако би придонела кон развој и унапредување на осигурителниот сектор во земјава. Имајќи го тоа во предвид, доколку се одлучи да се направи промена на локацијата, одржувањето на конференција на SorS во Скопје секако би било опција, која што вреди да се разгледа.

  • Во текот на минатата недела разговаравме со АСО и дискутиравме за иницијативата за организирање на помалку формален настан – Insurance Meetup во Скопје за што веќе имаме потврдени гости од Swiss Re, консултанти во AXA во Франција, интересни стартапи и големи реосигурители. Би ни претставувало особена чест доколку ја прифатите поканата да бидете говорник на првото оддржување на настанот покрај гореспоменатите гости. Дали би биле заинтересирани да ја поддржите оваа иницијатива и да помонгете да се забрза развојот на осигурувањето во Македонија?

Триглав Осигурување во целост ја поддржува секоја иницијатива за натамошен развој на осигурителната индустрија во земјата. Како лидер на македонскиот пазар на неживотно осигурување, сметаме дека тоа е наша должност и постојано работиме на развојот на различни аспекти од осигурувањето, коишто, секој на свој начин придонесуваат кон афирмација на индустријата и на бенефитите кои што таа ги носи на граѓаните. Настаните, конференциите, иницијативите кои што се занимаваат со осигурувањето и неговиот развој, се прилика за размена на важни искуства. Морате да бидете подготвени постојано да учите, да бидете отворени кон нови искуства, тоа е единствениот начин да држите чекор со развојот на индустријата, технологијата, потребите на пазарот. Секако би ми причинувало задоволство и привилегија да бидам дел од настан како Insurance Meetup.

Сподели ја оваа објава

Коментари

%d bloggers like this: