Не тргнувајте без патничко осигурување - Bits of insurance

Не тргнувајте без патничко осигурување

Изгореници од сонце, болки во увото и исеченици се најчестите причини поради кои македонските туристи кои летуваат надвор од земјата бараат медицинска помош.

Оние кои освен со торбите и пасошите тргнале на пат преку граница и со полиса за патничко осигурување, не треба да се грижат, зашто на здравствените служби во местото во кое летуваат нема да им платат од свој џеб.

Патничкото осигурување може да се набави преку брокерите на осигурителните компании, или во самата туристичка агенција. Од агенциите информираат дека граѓаните најчесто го купуваат основното осигурување, кое не е скапо, а ги покрива трошоците за секакви интервенции во странство.

Лицата кои патуваат во странство, најчесто во Грција за викенд, обично користат тридневно осигурување кое во основната варијанта чини 73 денари. За седумдневните аранжмани се издава полиса за осум осигурени денови, која чини 197 денари. За 10 дена осигурувањето чини 247 денари, додека има и годишно кое покрива 30 денови од 296 денари и се издава само за соседните земји.

Постарите од 65 години, поради поголемата подложност на здравствени ризици, за сите овие видови осигурувања плаќаат двојно повисока сума.

– Има и осигурување со франшиза. Но, клиентите најчесто се одлучуваат за основното, без франшиза. кое ги покрива трошоците и досега не сме имале реакции околу него, информираат од една туристичка агенција која издава патничко осигурување.

Наспроти ова, голем број граѓани реагираат дека за лекување во странство платиле големи суми, но иако биле осигурени не си ги добиле парите назад. Според одговорните во туристичките агенции овие проблеми обично се случуваат кога патникот има осигурување со франшиза. Во тие случаи не се признаваат парите платени за интервенции пониски од одредена сума.
На пример, ако фаншизата е на 50 евра, а лекарската услуга чини 40, тогаш парите не се враќаат.

Така, за осигурување платено 300 денари, на пример, осигурителна компанија покрива и медицинска интервенција во странство која чини 30.000 евра, но со такво осигурување од свој џеб се плаќа ако здравствената услуга е поевтина од 100 евра.

Сепак, осигурувањето, какво и да е, се однесува само на акутни здравствени проблеми, односно такви кои настанале за време на престојот во земјата, а не и на хроничните.
Патничкото осигурување освен здравствените услуги се однесува и на сигурноста на багажот и автомобилот. Но, ако се работи за украдена техничка стока, како на пример лаптоп, таблет или мобилен телефон, тогаш таа треба да е пријавена на граница, а тоа ретко се прави.

Превземено од bankometar.mk.

Сподели ја оваа објава

Коментари

%d bloggers like this: