Марко Поповски: Халк банка разви поволни кредити со минимален влог и максимална финансиска заштита - Bits of insurance

Марко Поповски: Халк банка разви поволни кредити со минимален влог и максимална финансиска заштита

Халк банка е брзорастечка компанија препознатлива по развојот на услугите во делот на дигиталните канали, решенија за финансирање на правни и физички лица, олеснети можности за комплетирање на потребите, нови филијали и друго.

marko

Која беше причината да се свртите и кон нудење осигурителни услуги?

 Халк банка претставува една од најбрзорастечките финансиски институции во Македонија, со континуиран пораст во бројот на клиенти, филијали и вработени од една страна и зголемување на капиталот, кредитната активност и депозитната база од друга страна. Сето тоа проследено со паралелно вложување во дигитални решенија и автоматизација која води кон зголемена ефикасност, нови финансиски решенија за физичките и правните лица преку едноставни и разбирливи производи, како и определбата да се направи повеќе за тековните клиенти, дава одговор за мотивот банката да се насочи кон процесот на лиценцирање кој финално беше завршен во првиот квартал на 2018 година. Халк банка е лиценцирана финансиска институција за вршење финансиска активност – застапување во осигурување и во својата понуда ги има сите типови полиси за осигурување од палетата на Кроација осигурување живот АД Скопје и Уника неживот АД Скопје. Денес, Халк банка преку филијалите и кадар од над 500 вработени од кои 57 со лиценца за застапување во осигурување, го зголемува асортиманот на производи, со можност да понуди полиса од секаков тип осигурување во сегментот живот и неживот со цел да направи повеќе за потребите на своите активни клиенти. Клиентите при посета на филијалите, можат лесно и едноставно, покрај основните банкарските трансакции,  да користат полиса за осигурување без дополнително време за нејзино издавање. Сметаме дека во сегментот на осигурување постои простор за сите финансиски институции кои се занимаваат со осигурување, за зголемување на бројот и волуменот на осигурување надвор од задолжителното осигурување, што се гледа и преку статистичките анализи во Агенција за супервизија на осигурувањето.

Воспоставивте партнерство со „Кроација осигурување-живот“ која е лидер во осигурителниот сектор во Македонија. Што ќе донесе ова партнерство и за двете компании и за клиентите?

– За полесно разбирање на партнерскиот однос и очекувањата од соработката треба најпрво да се опишат двете компаниии. Станува збор за две финансиски институции, во многу сегменти различни, но во важни сегменти на дејствување слични. За двете финансиски институции во фокусот на дејствувањето е секогаш  клиентот. На прво место се става трајната врска која се состои од квалитетна услуга, довербата и взаемната почит на клиентот и банката пред краткорочниот интерес во каматните стапки, провизиите, трошоците за секој производ кои во даден момент се менлива категорија и детерминирани од повеќе фактори, а кои помалку или повеќе влијаат на сите банки во мегусебно поврзаниот банкарски сектор. Задоволните клиенти носат нови клиенти. Зголемувањето на бројот на клиенти и портфолио,  дава простор за поповолна цената по единица производ проследено со квалитетна услуга и зголемено задоволство на клиентот, бројот на искористени производи по клиент расте,  а со тоа и лојалноста на клиентите и профитот на институцијата.Пазарното учество на Халкл банк во делот на кредитирање на население изнесува близу 10% со што банката е лоцирана на 4-то место и со трендот на раст до крајот на годината да се постави во групата на најголемите 3 банки во делот на кредитирање на население како и да остане секогаш една од првите опции за граѓаните, благодарение на постојаните инвестииции и најразлични новини. Соработката со Кроација живот и заштитата на кредитноизложените клиенти со полиси за животно осигурување исто така може да придонесе кон намалување на процентот на нефункционални кредити во вкупното портфолио кое во моментот изнесува околу 1%.

Ова партнерство за двете компании ќе донесе зголемен број на клиенти, ќе ги одведе институциите на повисоко ниво на дејствување и искуство, ќе го зголеми бројот и асортиманот на производи како и ќе влијае на позитивниот финансиски резултат од работењето, што од своја страна ќе донесе до поволности за клиентите содржани во намалување на трошокот и времето ангажирано за добивање на одредени производи, намалување на ефектот на последиците од одредени ризици кои би се рефлектирале на целото семејство, зголемен број на опции и производи…

На клиентите им нудите три вида кредити со полиса за животно осигурување –потрошувачкиот Релакс кредит, станбениот Комфор и хипотекарниот кредит. По што се разликуваат овие кредити од стандардниот потрошувачки, станбен и хипотекарен кредит кои ги имате во вашето портфолио?

– Со понудата се опфатени најчесто бараните кредити и кредитите за кои граѓаните покажуваат најголем интерес. Во овој контекст сакам да нагласам дека благодарение на лиценцирањето на банката во делот на животно и неживотно осигурување како и  комплементарните кредитни производи кои одат заедно со осигурувањето, нивото на каматните стапки и останатите карактеристики на производите никогаш не биле поповолни. Фиксни каматни стапки за подолги периоди, намалени трошоци за апликација, зголемени рокови на отплата и зголемени максимални износи, сè благодарение на обостраната сигурност во релацијата банка – клиент, каде што се елиминира опасноста од губење на главниот извор на приход во семејството во несреќен случај или болест и заштита на имотот на семејството. Од имплементирањето на кредитните производи со животно осигурување интересот кај граѓаните растеше од месец во месец, како од причина што самите производи беа дизајнирани според потребите на клиентите така и поради способноста на вработените во банката ефикасно да ја дистрибуираат информацијата до крајните корисници и добро да ги објаснат придобивките. Од воведување на новиот производ, кредитите со банко осигурување претставуваат 75% од новоодобрените договори во групата на потрошувачки кредити обезбедени со меница и жиранти.

Главната карактеристика и поволност кај Релакс потрошувачкиот кредит е ниската каматна стапка од 5,9% која е фиксна за првите две години и поволната каматна стапка за останатиот период која е варијабилна и во моментот изнесува 7,15%, без надомест за обработка на барањето и рок на отплата до 10 години.

Благодарение на поволните услови на станбените кредити, разбирањето на инвестициските потреби на граѓаните како и поради тесната соработка со фирмите во градежниот сектор и нивна подршка во продажбата, Халк банка беше една од најпрепознатливите банки за користење на станбен кредит со учество од 33% од растот на станбените кредити во целиот банкарски сектор. Комплементарните производи станбен кредит со животно осигурување, е комплетирање на уште една потреба плус, во целата инвестициција за клиентот и остануват главен генератор на растот на портфолиото.

Предност кај Комфор + станбениот кредит е фиксната каматна стапка од 5 години од: 3,4% за првите три и 4,4% за следните две години, со рок на отплата на кредитот до 30 години и без надомест за обработка на барањето и трошоци  за ликвидирање на изложеноста од сопствени средства.

Додека пак, предност кај хипотекарниот кредит со животно осигурување е рокот на отплата на кредитот од 20 години и намален трошок за обработка од 0,5% од износот на кредитот, при каматна стапка која е варијабилна и во моментот изнесува 6% номинално годишно,  кој може да се искористи за широки потреби на клиентите како и за ликвидирање на целата кредитната изложеност со цел намалување на финансискиот товар од претходни задолжувања на поединецот или на цело семејство.

Што добиваат клиентите доколку се решат да земат кредит со животно осигурување и дали овие полиси се разликуваат од стандардните полиси за животно осигурување?

– Полисите кои се наменети за банкоосигурување се карактеристични во својот тип и нивна главна карактеристика е заштита на семејството. Појасно, овој тип полиси се наменети за целосна финансиска заштита, кога член на семејството користи одреден тип кредит. Полисата за осигурување со својот рок и осигурана сума е еднаква на кредитот. Овие полиси го следат рокот и износот на кредитот во целиот период, при редовна отплата на кредитот, каде премијата како трошок претставува мал дел од вкупната вредност на кредитот. Истовремено, оваа полиса дава максимална сигурност и ниеден друг производ или алтернативно решение не може да ја замени при иста вредност на влогот. При несреќен случај се исплаќа осигурената сума и кредитот во својата преостаната вредност и истиот се ликвидира, при што не остануваат долгови за семејството во тешките периоди.

Додека пак, стандардните полиси за осигурување на живот имаат и штедна компонента изразена во вложени средства и припишана добивка која осигуреникот ја добива на крајот на периодот на осигурувањето и истовремено нуди исплата на средства во несреќен случај за времетраење на животното осигурување. Останатите полиси во понудата имаат различни карактеристики и поволности модифицирани според можностите на клиентите и нивните потреби.

– Во вашите филијали комитентите, сегашни и идни, отсега можат да земат и класични полиси за животно осигурување на „Кроација осигурување-живот“.  За кои полиси станува збор и за кого се наменети?

– Основна активност на Халк банка, во која бележи одлични резултати изминатите години, се банкарските финансиски производи и услуги, изразени преку кредитни и депозитни производи и сите останати варијации на производи, услуги и процеси наменети за населението и компаниите. Според претходно изнесеното,  Халк банка се насочи во понуда на дополнителни финансиски производи од повеќе причини,  меѓу кои и зголемувањето на асортиманот како и намалување на ангажираното време потребно за извршување на една или повеќе производи и услуги за граѓаните и компаниите. Од тие причини, банката овозможува склучување договори за осигурување во филијалите на банката и тоа под услови кои би ги добиле и во осигурителните компании. Во сегментот осигурување живот палетата на производи е широка и прилагодена така што секоја полиса претставува единствено решение целосно приспособливо на индивидуалните потреби на осигурениците и нивните можности, односно секој осигуреник сам ја избира висината на осигурената сума, начинот на плаќање, како и ризиците од кои сака да биде осигуран. Покрај претходно елаборираната понуда за ризико осигурување или т.н. банкоосигурување во заедничката понуда,  се издвојуваат и следните производи: Класичното индивидуално животно осигурување наменето за широка таргет група за лица од 14 до 65 години; Менаџерско или Колективно осигурување  за лица вработени во компании каде менаџментот сака на својот кадар да му даде дополнителна мотивација и лојалност, а во исто време нуди врвна осигурителна заштита и покритие; Коко детското осигурување наменето за деца од 1 месец до 13 години  и „Круг на живот“ кој како производ е главно наменет за повозрасни лица.

Дали очекувате голем интерес за вашите понуди, со оглед дека осигурувањето на живот во Македонија е во постојан пораст?

– Халкбанк гледа голем потенцијал во делот на животно и неживотно осигурување како и развој на осигурувањето воопшто. Сите наши проекции и очекувања од осигурителниот бизнис се позитивно надминати во текот на првите 5 месеци по лиценцирањето на банката. Преку обемот на работа и остварените резултати гледаме голем интерес за производите на банката воопшто, а со тоа очекуваме зголемен интерес и од производите во сегментот на осигурување.  Халк банка со својата активност ќе даде свој максимум во зголемувањето на осигурителниот бизнис и во соработка со Кроација осигурување живот, ќе работи во изнаоѓање на нови решенија кои би ги стимулирале граѓаните за поголема мотивација за склучување на осигурителна полиса, континуирана едукација и совети за граѓаните со цел разбирање на потребите и предностите од осигурувањето. Пазарот на осигурување ќе ги оствари своите бројки, а  очекуваме Халк банка да  биде се позначаен дел од тој пазар.

Извор: Мкд.мк

Сподели ја оваа објава

Коментари

%d bloggers like this: