Конференција во Хрватска: технологијата и инвестицискиот пазар - Bits of insurance

Конференција во Хрватска: технологијата и инвестицискиот пазар

Изминатата недела во градот Ровињ во Хрватската се одржа дводневна конференција под наслов „Предизвикот на промените“. Оваа конференција беше организирана од Загребската берза и Здружението за управување со пензионерски фондови. На конференцијата своја презентација имаше и Претседателот на Хрватската агенција за надзор на финансиските услуги (HANFA). Презентацијата е насловена „Пазарот на капитал десет години по финансиската криза, што понатаму?“. „FinTech револуцијата е незапирлив глобален феномен кој нуди многубројни можности за унапредување на финансиските услуги“ – оцени Анте Жигман од HANFA. „Во текот на последните десет години пазарот на акции во земјите од средна и источна Европа станаа сѐ послабо ликвидни. Пазарите во овие земји, вклучувајќи ја и Хрватска, стагнираат на ниско ниво во однос на поразвиените европски земји“. – резимираше Жигман.hrvatska

Инвестициските друштва се под притисок, дојде до намалување на побарувачката за финансиските услуги, како и на бројот на овластени субјекти. Ова се случува како во Хрватска, така и во останати земји како Словенија, Полска, Словачка и Чешка. Во Хрватска бројот на компании кои се бават со инвестициски услуги е намален за 42% во последните десет години. Бројот на инвестициските фондови е намален за дури 77%. Едно од потенцијалните решенија за оживување на хрватскиот пазар на капитал е користењето на новите технологии, посебно на blockchain технологијата. Нејзината употреба незапирливо расте, а со тоа и се шири спектарот на финансиски услуги и втемелени на blockchain, како криптовалутите.

На светско ниво бројот на фондови за вложување во криптовалути и blockcain силно расте. До Септември 2018 се основани повеќе од 500 фондови специјализирани за инвестирање во криптовалути и blockchain технологијата. Според неофицијални проценки во 2017 во Хрватска приходите од вложување во овие технологии изнесувале 300 милијарди куни. Во тој поглед во оваа земја од нашето балканско соседство се основаат првите менувачници базирани на оваа трговска платформа.

„Технолошките иновации го трансформираат пазарот на капитал, но сепак потребна е доза на внимателност. Ова со оглед на различната брзина на развој на технолошките иновации во финансиите и пропратната нужна регулаторна рамка. Правниот статус на криптовалутите и blockchain во Европа е само делумно регулиран, и се очекува дополнителен развој во тој сегмент“. Ова како заклучок го изнесе Анте Жигман на конференцијата во Ровињ.

Би можело blockchain технологијата да најде примена и кај нашите инвестициски фондови и други друштва кои пружаат финансиски услуги. Ова секако би гарантирало побезбедно тргување со финансиските производи и безбедност при извршување на трансакциите. Македонските компании со примената на новите технологии би можеле да го олеснат нивното работење. Останува да го следиме нивниот интерес, бидејќи Македонија има потенцијал да биде дел од светските модерни технолошки текови.

Гоце Илиевски

Сподели ја оваа објава

Коментари

%d bloggers like this: