Србија: Задолжително осигурување од повреда на работа - Bits of insurance

Србија: Задолжително осигурување од повреда на работа

Министерот за работа, вработување, ветерански и социјални работи на Србија, Зоран Ѓорѓевиќ, формираше три работни групи. Меѓу нив е работната група задолжена за изработка на нацрт-законот за осигурување од повреда на работа и надомест на штета. Ѓорѓевиќ истакна дека системот на осигурување на работниците од повреда на работа се заснова по волја на работодавачите. „Работниците кои претрпеле повреда на работа своето право за надомест на штета можат да ги остварат само по судски пат. Судските постапки се долги, а семејствата на загинатите работници тешко, а можеби и воопшто не го остваруваат ова право“. – истакна Ѓорѓевиќ во соопштение на Министерството.srbija

Нацрт-закон за осигурување од повреда на работа

Со ова во Србија за прв пат се воведува задолжително осигурување од повреда на работа. Финансиите за осигурување на работниците ќе бидат на товар на работодавачот, определени во зависност од нивото на ризик од повреда. „Со донесување на законот ќе се создадат услови да се заштитат правата на повредените работници и на нивните семејства. Ќе се обезбеди соодветен надомсест, бидејќи министерството се грижи за сите работници, нивната безбедност и заштитата на здравјето при работа“. – додава Ѓорѓевиќ. Работната група покрај претставници на Министерството за работа, ја сочинуваат и претставници од министерствата за здравство и за финансии. Вклучени се и Здружението на осигурители на Србија и претставници од Унијата на работодавачи на Србија. Во работната група учествуваат и Сојузот на самостојни синдикати и Сојузот на обединетите грански синдикати Независност.

Национална стратегија и ревизија на листата на професионални заболувања

Министерот формираше и работна група за изработка на предлог стратегијата за унапредување на лицата со инвалидитет. Исто така формирана е и работна група за ревизија на листата на професионалните заболувања. Заради престанок на важењето на стратегијата од 2015та година, се изготвува предлог на нов стратешки документ на ниво на владата. Работната група е задолжена за изработка на Предлог стратегијата и Предлог акциониот план за примена на стратегијата до 2024та година. Неа ќе ја сочинуваат претставници од ресорното министерство и претставници на лицата со инвалидитет. „Министерството ќе посвети посебно внимание на лицата со инвалидитет, и унапредување на нивните положба и живот во земјата“ – изјави министерот. Работната група за ревизија на листата на професионалните заболувања треба да ја усогласи со Правилникот на Меѓународната организација на трудот. Според зборови на министерот, во согласност со појавата на новите занимања потребно е да се усогласи листата на професионални заболувања.

Гоце Илиевски

Сподели ја оваа објава

Коментари

%d bloggers like this: