Промовирано печатеното издание „Бела книга 2018“ - Bits of insurance

Промовирано печатеното издание „Бела книга 2018“

На 12 декември во Стопанската комора на Македонија беше промовирано печатеното издание на „Белата книга 2018“ на Советот на странските инвеститори. „Белата книга 2018“ има за цел да придонесе за унапредување на бизнис климата во земјата преку конструктивни препораки и мислења од компаниите – членки.bela kniga

„Овогодинешното издание опфаќа сет на приоритети на економските политики, од перспектива на странските инвеститори. Дополнително нуди и предлози за олеснување на работењето во специфични области, со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странскиот капитал во земјата“. – истакна Штефан Петер, претседател на Советот на странските инвеститори.

Претседателот Петер се осврна на содржината на „Белата книга 2018“ нагласувајќи дека истата е конципирана во неколку делови, и тоа:

  1. Меѓународно и регионално опкружување и преглед на економската состојба во Република Македонија;
  2. Анализа на деловната клима и клучни сектори од интерес за странските инвеститори;
  3. Проценка на регулаторната средина – Аспирации за приклучување кон НАТО и Европската унија;
  4. Извештаи и рангирање на Република Македонија од меѓународни институции и тела;
  5. Поважни проекти на Владата на РМ за предвидливо деловно окружување, макроекономска стабилност и поттикнување на економскиот развој.

Најголемиот дел од препораките од „Белата книга 2018“ се фокусирани за подобрување на деловната клима пред сѐ преку создавање предвидливо деловно опкружување. Деветтата глава ги содржи препораките, предлозите и мислењата на петте работни групи составени од компании – членки на Советот на странски инвеститори.

Петер исто така нагласи, за да се придвижи македонската економија во вистински правец, неопходно е да се осигури евроатлантската перспектива на земјата. „Членството во ЕУ и НАТО ќе ѝ донесе на Македонија позитивни перспективи, посебно за бизнис секторот. Економскиот развој ќе продолжи со забрзано темпо преку воспоставување на европските стандарди и полесен пристап на компаниите до ЕУ-пазарот“. – додаде Петер. Во своето обраќање Штефан Петер се задржа и на актуелната економска ситуација. Нагласи дека преостануваат бројни предизвици и проблеми коишто треба да се решат и да се отстранат во наредниот период. Ова во насока на подобрување на деловниот амбиент, зголемување на конкурентноста, намалување на невработеноста и економски развој на Македонија.

На панел-дискусијата одржана во рамките на настанот, Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев ја поздрави новата едиција на „Белата книга 2018“. Нагласи дека 2019 година ќе биде година на економијата, за што несомнено говорат и податоците за остварениот раст во 2018 година. Тој во вториот квартал изнесува 3,1%. и се очекува раст до 3,5% во четвртиот квартал. Овие индикатори покажуваат дека има огромна перспектива и надеж за економски раст во државата. Во таа насока беа иницирани и промени во законските регулативи кои треба да резултираат со намалување на „сивата“ економија.

Целосната верзија на „Бела Книга 2018“ може да ја прочитате на следниов линк.

Гоце Илиевски