Халк банка купи 350.000 акции од Нова осигурување - Bits of insurance

Халк банка купи 350.000 акции од Нова осигурување

Како што започнува Новата 2019 година, така започнува и годината во која се очекува сериозен раст и превземање на осигурителните друштва во Македонија. Тоа одма можеме да го забележиме, на Македонска берза, каде што во две блок-трансакции вредни 3,2 милиони евра беа купени 350.000 акции од осигурителното друштво “Нова осигурување” АД Скопје. Халк банка е подготвена со сериозен тим и изработена стратегија од експерти да помогне во осигурителната област. Во првиот блок се продадоа 315.000 акции за 185 милиони денари, а во вториот се продадоа 35.000 акции за 12,2 милиони денари.fP5pcFGZlUGS1754E9OAoA-large

Друштвото за осигурување НОВА АД Скопје е компанија која е активна во неживотното осигурување. Компанијата е со постојан раст, присутна на македонскиот пазар од 2007 година. Нуди квалитетни продукти и високи стандарди во комуникацијата со клиентите – индивидуалци, мали и средни претпријатија и институции. Се стреми кон зголемување на присуството на пазарот, постојано адаптирајќи ја понудата кон динамиката на живот и работа во Македонија. Стручноста на преку 100 вработени се рефлектира низ услугите и осигурителните решенија прилагодени кон потребите на секој клиент-ефикасни и исплатливи. Негувајќи култура на доверба и успех, во НОВА АД секогаш се посветени на осигурениците, унапредувајќи го угледот и растот на компанијата. Доказ за тоа се илјадниците клиенти кои се уверија и одлучија со НОВА да градат партнерски односи, на долги патеки. Токму во овие несигурни времиња НОВА им помога на луѓето да ја разберат потребата и да се заштитат од ризици. Заштитата ќе ја постигнат осигурувајќи се себеси, семејството, имотот и работата со единствена цел,посигурен живот со една грижа помалку. Седиштето на НОВА АД е во Скопје, а преку подружниците во 20 градови, им помагаат на осигуринеците низ целата држава. Но, своите осигурителни продукти ги нудат и преку брокерски друштва, лиценцирани застапници и голем број туристички агенции во земјата.

Кој е тимот на НОВА АД Скопје

Друштвото за осигурување НОВА АД е основано и раководено од деловни луѓе со исклучително богато искуство во осигурителната индустрија. Целта што тие заеднички си ја поставија е да понудат решенија кои клиентите ќе ги поштедат од непотребни трошоци, бркотници и непознаници при купувањето финансиски продукти и услуги. Во пакетот осигурителни полиси на НОВА АД влегуваат сите видови неживотно осигурување. Еден од најпродаваните продукти е осигурувањето од автоодговорност, но се повеќе расте бројот на корисниците на зелен картон, каско осигурување, осигурување на имот од пожар, кражби, патничко-здравствено осигурување, осигурување на градежни објекти, осигурување од одговорност и незгоди… Во зависност од динамиката со која се менува стилот на живеење НОВА АД Скопје постојано креира нови и флексибилни решенија. Претседател на Одбор на директори е ЏЕНК ЈИЛМАЗ, Неизвршен член на Одбор на директори е ЏЕМИЛ БУРГЕ, Извршен член на Одбор на директори е ИСНИ АБАЗИ, Директор на Сектор за финансии е ДРИТОН ЕМИНИ, а Директор на сектор штети е СЛАВЧО ТАУШАНОВ.

Бројките за 2017 година говорат за солиден настап на осигурителниот пазар

Друштвото во 2017 година, оствари Бруто полисирана премија од 313.187.284 денари, што е помал износ од 10,52% во однос на планираното со Годишниот план на работење на Друштвото за 2017 година и помал износ од 3,2% во однос на оствареното во претходната 2016 година.

Бруто полисираната премија во 2017 година е остварена од 67.201 склучени договори за осигурување, односно полиси за осигурување по класи на осигурување што претставуваат исто така намалување од 7,83% во однос на бројот на склучени договори за осигурување во претходната 2016 година. Намалувањето на бројот на склучени полиси претежно произлегува од намалувањето на оперативната активност на Друштвото преку склучување помалку полиси за автомобилска одговорност и за патничко здравствено осигурување . Податоците од Извештајот за финансиска состојба ( Билансот на состојба ) на 31.12.2017 година укажуваат дека:

– Вкупните средства, односно Активата на Друштвото, на износ од 587.795.438,00 денари во 2017 година се зголемени за 6,3% во однос на 2016 година;

– Вкупните тековни обврски се зголемени за 83,71%;

– Техничките резерви се зголемени за 14,31%; и

– Вкупниот Капитал е незначително зголемен за 2,19% во однос на 2016 година.

Атанас Димовски