Интервју со Марко Дамевски, директор на продажба Винер Лајф - Bits of insurance

Интервју со Марко Дамевски, директор на продажба Винер Лајф

Поразговаравме со г-динот Марко Дамевски, Менаџер за продажба на Винер Лајф за животното осигурување во Македонија, за неговата мотивираност, за тоа како сметаат компаниите за Животно Осигурување дека ќе се одрази даночната реформа врз секторот, но и плановите за 2019-та година на Винер Лајф.winner

 

1. Веќе долго време работите во секторот финансии. Од каде ја црпите енергијата и што е тоа што ве води и мотивира во континуитет?

Енергијата и мотивираноста се во корелација. Доколку опадне енергијата, ќе опадне и мотивираноста.

Се разбира дека сите имаме падови, меѓутоа треба да знаеме како нивното времетраење да го сведеме на минимум. За тоа е пред сѐ потребно да се познаваме себе и да знаеме што нѐ мотивира, а што нѐ демотивира.

Јас лично секогаш тежнеам кон тоа енергетските „вампири“ да ги отстранам од своето работно опкружување. Се разбира дека и компаниите во кои работев знаеа да ги мотивираат вработените, меѓутоа за да тоа се одржи во континуитет, потребно е човек да знае и да се самоотивира и правилно да ги сфати и работата и обврските. Со тоа и полесно ќе стигне до целта и нема да се демотивира за работи за кои не би требало.

2. Како гледате на пазарот на Животно Осигурување во Македонија, и дали сметате дека има уште простор за развој на овој сектор?

Животното осгирување во Македонија е во подем, меѓутоа е сѐ уште далеку од тоа што би требало да биде и далеку од она што тоа значи во развиените земји. Кај нас животното осигурување се смета за луксуз и е последно на листа на приоритети. На пример, луѓето попрво ќе направат каско осигурување на колата, отколку животно осигурување, што за мене е комплетно несфатливо. Да не бидам погрешно разбран, се разбира дека каското е важно и треба да го има оној кој може да си го дозволи, меѓутоа човечкиот живот и екзистенцијата на најблиските мора да има повисок приоритет од нешто што може да се купи со пари.

Забележувам сериозен прогрес во последните неколку години во свеста на луѓето околу потребата за животно осигурување, меѓутоа сметам дека е сѐ уште далеку од нивото на кое би требало и на кое мора да биде.

Кревање на свеста кај населението околу животното осигурвање и неговата реална потреба е нешто на што вработените во сите осигуретелни континуарно работат и сигурен сум дека ќе продолжат да работат.

3. Дали и како даночната реформа ќе се одрази на секторот на Животно Осигурување?

Реформата или измените во законот значително се одразуваат во случаите каде што Договорувач на осигурувањето е компанија, а краен користник е физичко лице и доколку годишната премија изнесува до две просечни бруто плати во Македонија. Во тој случај трошоците на компанијата значително се намалени, додека за останатите измени не сум толкав оптимист дека одат во прилог на помасовно користење на животното осигурување како алатка компаниите да ги мотивираат или наградат своите вработени.

4. Што е она што Виннер Лајв го прави поразличен од останатите компании за Животно Осигурување?

Секоја компанија има свои црти по кои е препознатлива на пазарот.

Компактноста на тимот кој работи, уникатните производи, грижата за своите вработени, а особено грижата кон осигурениците кои ги има Винер Лајф се според мене главната одлика која ја двои од останатите компании. Тоа не значи дека останатите компании не се грижат за своите вработени или за своите осигуреници, меѓутоа кога гледам со колкава страст работи секој вработен, јасно ми е зошто е Винер Лајф тоа што е.

5. Кои се Ваште лични цели, но и цели на компанијата за 2019та година?

Моите лични цели за 2019 се остварување на целите за продажба на Винер Лајф кои се доста амбиоциозни оваа година од повеќе аспекти. Сигурен сум дека со овој тим и со овој тимски дух не постои цел која не можеме да ја оствариме, затоа и не сум загрижен дали ќе се оствари целта или не.

Целта на Винер Лајф за оваа година е иста како и сите претходни, а тоа е континуиран контролиран раст.  Нашата цел секогаш била и секогаш ќе биде на нашите сегашни осигуреници да им обезбедиме сигурност и стабилност, а на нашите идни осигуреници палета на квалитетни и безбедни производи со кои ќе ги решат своите грижи околу иднината.

Гане Ангелов