Калифорниските пожари предизвикаа повисоки осигурителни премии - Bits of insurance

Калифорниските пожари предизвикаа повисоки осигурителни премии

Ricardo Lara, новиот Осигурителен Комесар на Калифорнија, донесе лоши вести за имателите на домови во руралните делови на Калифорнија. Тој изјави дека проценетите осигурителни загуби од шумските пожари во 2018-та пораснале за 2,3 милијарди долари и изнесуваат 11,8 милијарди. Ова е зголемување за 25 проценти и е рекордно за оваа држава на САД. Инаку шумските пожари тотално ги разурнаа градовите Paradise и Redding, и предизвикаа масовно уништување во Malibu. Вкупните загуби од калифорниските шумски пожари чиј број беше преку 8,000 минатата година надминаа 18 милијарди долари. Но покачените осигурени загуби исто значат и повисоки премии за домаќинствата и фирмите, вклучувајќи 3,5 милиони домови изложени на иден ризик. Колку од цените навистина ќе пораснат? Според California Department of Insurance (CDI) тие што плаќале 800 долари годишно сега може да плаќаат дури до 5000 долари. Осигурителите велат дека дополнително  покачување на осигурителните премии е неизбежно.pozari

Колку во Калифорнија ќе биде достапно осигурувањето од пожар?

Додека пожарите можат да уништат цел град за четири часа, растот на цената на осигурувањето претставува побавна закана за Калифорнија. CDI може да го забави растот на цените на осигурувањето, но осигурителите имаат свој одговор на ова прашање. Тие или ќе одбијат да ги осигураат подрачјата подложни на шумски пожари, или ќе ја напуштат државата Калифорнија. Големи осигурителни компании изјавија дека осигурувањето од пожар за некои категории на граѓани ќе биде помалку достапно. Но што можат да направат имателите на домови во Калифорнија, посебно оние што живеат блиску до шумата? Тие би можеле да се обратат до локалните брокери кои знаат кои осигурителни компании нудат осигрување во подрачја од висок ризик. Доколку ниту еден осигурител не сака да им продаде полиса за осигурување на домовите, им останува една поскапа алтернатива. Тоа е таканаречениот California FAIR Plan, државен осигурителен фонд кој нуди основно осигурување на домаќинствата на територијата на Калифорнија.

Гоце Илиевски