Осигурителни институции и посредници во осигурување - Bits of insurance

Осигурителни институции и посредници во осигурување

Осигурителните активности ги вршат осигурителни институции и посредници во осигурување. Осигурителните институции вршат склучување и извршување договори за осигурување за оние класи на осигурување за кои и се регистрирани. Можат да бидат регистрирани за вршење само на животно осигурување или се регистрирани за вршење неживотно осигурување. Може да склучуваат договори за соосигурување и реосигурување како и работи поврзани со снимање на ризиците.1234

Преземаат активности за снимање, процена и исплата на штети, посредуваат при продажба и продажба на остатоците од осигурени оштетени предмети. Воведуваат мерки за спречување, намалување и отстранување на штетите и ризиците што претставуваат опасност во неживотното осигурување. Укажуваат на други интелектуални и технички услуги поврзани со работи на осигурување и реосигурување.

Посредниците во осигурување претставуваат индиректни канали на дистрибуција, поединци или организации, кои вршат пренос на осигурителниот производ од понудувачот до крајниот корисник. Нивна основна цел е да им го обезбедат на потрошувачите бараниот производ во вистинско време, на вистинско место и по прифатлива цена. Тие ја олеснуваат и ја комплетираат трансакцијата меѓу осигурителот и купувачите. Изборот на видот посредник што кој го применуваат друштвата за осигурување зависи од нивната големина и организираност. Други фактори се големината на сигурителниот пазар на кој ги пласираат своите осигурителни производи и од ширината на полето на осигурување.

Друштвата за осигурување како и посредниците во осигурување треба да го почитуваат и да го применуваат Кодексот на етика во осигурувањето. Со Кодексот на етика се детерминираат следниве етички правила на однесување:

  1. да се држат на највисоко ниво потребите на потрошувачите;
  2. да се дадат сите можни услуги кога постои побарувачка за осигурителните услуги;
  3. да не се применува промоција што е неточна и измамничка;
  4. да се игра фер игра спрема конкурентите и да не се влегува во игри што се рефлектираат негативно;
  5. да се одржи професионалната и јавната доверба при продажбата;
  6. продажбата и услугите да се сфатат како кариера и да се применуваат законските одредби, да се зголеми знаењето и да се одговара на сите прашања од купувачите;
  7. прецизно претставување на политиките и обезбедување здрава осигурителна заштита на јавноста;
  8. да се почитува довербата на купувачите и никогаш да не се презема нешто со што би се изиграла нивната доверба;
  9. чесно и професионално да се однесуваат со клиентите, соработниците, агентите и брокерите, како и компанијата чии производи се продаваат.

Посредниците (каналите на продажба) се поделени на традиционални канали на дистрибуција, и нови облици на продавање. Во традиционални канали на продажба спаѓаат: застапници во осигурување, брокерски друштва за осигурување и агенти за осигурување. Нови облици на продавање се: банкоосигурување  и интернет-дистрибуцијата. Досега Македонија заостанува зад сите земји-членки на ЕУ, со минимална премија за осигурување од сите канали на дистрибуција. Која е причината за тоа? Нискиот животен стандард или слабо развиениот маркетинг на осигурителните  друштва?

Гоце Илиевски