Лукаревска: Намалување на сивата економија ќе почне од дисциплинирање на даночните обврзници - Bits of insurance

Лукаревска: Намалување на сивата економија ќе почне од дисциплинирање на даночните обврзници

Управата за јавни приходи во 2018 година спроведе 7.148 контроли за фискализација, од кои кај 826 беа утврдени неправилности и тоа во најголем дел од обврзниците во Скопје, а територијално застапено помалку или повеќе ги има во сите поголеми или помали населени места во земјава, изјави денеска на прес-конференција  директорката на УЈП Сања Лукаревска.

Посочи дека во периодот јануари-февруари 2018 биле спроведени 1.639 контроли од кои 174 биле со неправилности, додека во првите два месеца од годинава, спроведени се 268 контроли од кои 215 се со неправилности.

– Тоа претставува 80 отсто успешност во делот на лоцирањето на неправилностите, а тоа значи редуцирање на контролите, односно насочување само таму каде е потребно. И при овие контроли најголем дел на неправилности се лоцирани во Скопје, поточно 114. Беа опфатени повеќе региони, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Ресен, Охрид, Струга, Дојран, Штип, Берово, Виница, Куманово, Кочани, Пробиштип, Делчево, Свети Николе, Прилеп, Неготино, Кавадарци, Велес, Струмица, Гевгелија, Богданци, Радовиш, Македонска Каменица, како и сите делови на главниот град Скопје, рече Лукаревска.

Истакна дека при контролите за фискализација, најчести утврдени неправилности се неиздавање фискални сметки, односно користење „компјутерски“ сметки/маркери, како замена за фискални сметки, непоседување резервен фискален систем на опрема, непоседување и неевидентирање податоци во книга за дневен финансиски извештај и итна сметководствена книга, како и неусогласен промет.

– Намалувањето на даночната евазија во земјава, односно на сивата економија, ќе започне од дисциплинирањето на даночните обврзници. Овие контроли што ги споменавме како статистички податок, укажуваат дека во оваа бројка има даночни обврзници, пред се угостителски објекти што по шести пат имаат направено ист прекршок. А истите обврзници што ги прават овие прекршоци се први поборници за намалување на казните, рече Лукаревска.

Директорката на УЈП, исто така, информира дека со цел намалување на фискалната евазија со измените и дополнувањата на Законот за регистрирање на безготовинските плаќања, се пропишува законска обврска за приложување фискална сметка, кон сметката која се сторнира.

– Ваквата обврска, иако досега беше уредена со подзаконски акт, често не беше почитувана од повеќето даночни обврзници, поради што и се пристапи кон овие измени. Со измените и дополнувањата се врши и доуредување на законот во однос на неиздавањето сторни сметки, за вршителите на промет на храна и пијалаци за конзумирање во рамки на објектот на давателот на услугата и обложувачниците. Се пропишува временско ограничиување од 15 минути за сторнирање сметка за пијалаци и храна, ресторани, кафулиња, дискотеки, а се пропишува и временско ограничување од 15 минути за сторнирање сметка и во обложувалници, како и приложување фискална сметка кон сметката што се сторнира, рече таа.

Додаде дека и при издавање фискална сметка, ќе треба точно да се внесе начинот на плаќањето, дали ќе се плати во готово, или со платежна картичка, а во случај на повторување на прекршоците од страна на даночните обврзници, со измените се пропишува и забрана за вршење дејност во деловна просторија на определен временски рок.

– Досегашната пракса покажува дека трендот со сторнирани сметки продолжува. Анализата покажува дека за две години има над една милијарда денари сторниран износ од вкупен промет од околу 17 милијарди денари. Износот платен во готово изнесува 14.806.212.149 денари, и 2.381.899.780 денари е износот платен на друг начин, електронски или со платежни картички, рече Лукаревска.

Сторнирани се, како што додаде, во 2018 година 77.832 сметки во износ од 553.214.309 денари, а вкупно а две години 142.671 сторни фискални сметки со износ од 1.141.799.482 денари сторниран промет.

Посочи дека УЈП ги контролирала дејностите – специјализирани продавници и салони за продажба на мебел и опрема за осветлување и други предмети за домаќинство, специјализирани продавници за информатичка и компјутерска опрема, продавници за текстил, трговија на мало со спортска опрема во специјализирани продавници, продавници за игри и играчки, козметички салони, како и специјални продавници за часовници и накит. Угостителски објекти, млечни ресторани, автомеханичарски работилници, продавници за автоделови и цвеќарници.

Контролите покажале дека се сторнира во повеќе дејности, а на ваквата појава, како што рече, не се имуни ниту правните лица што обезбедуваат погребални услуги.

– Оттука излезе и потребата од проширени контроли што се уште траат, и утврдуваат  неправилности, расчленети по даноци. Вкупниот наод за неправилности за сите даноци, кај дел од обврзниците, точно 42, каде што имаше проширени контроли, со износ од 61.807.797 денари. Кај дел од обврзниците се отворени налози, кај дел контролите се се уште во тек, а кај дел треба да почнат, што значи дека состојбата не е конечна, односно очекуваме да биде во пораст со оглед на тоа дека завршните сметки обврзниците ги доставуваат до крајот на февруари, и допрва ќе се анализираат податоците, заклучи директорката на УЈП.

Сподели ја оваа објава

Коментари

%d bloggers like this: