Србија: скапите полиси затвораат туристички агенции - Bits of insurance

Србија: скапите полиси затвораат туристички агенции

Повеќе од сто помали туристички агенции во Србија нема да успеат да ги платат скапите осигурителни полиси. Тие оваа година чинат 3,500 евра наместо досегашните 500 евра. Новите ценовници, зголемени за седум пати, уште од почетокот на минатиот месец беа изнесени од четири осигурителни компании. Осигурителите го оправдуваат ова поскапување со ризикот во кој се доведени после минатогодишниот банкрот на неколку големи агенции. Марија Матијевиќ, преставник на малите и средни агенции во Србија за „Политика“ вели дека се обратиле до Министерството за трговија. Од таму уште не добиле никаков одговор. Некои агенции веќе престанале да работат, а оние кои што потпишале анекси на договорите се обврзани да плаќаат поскапа полиса. Се надеваат дека во меѓувреме ќе дојде до корекција на цените и дека парите ќе им бидат вратени.

агенции

Агенциите против поскапите полиси

„Бараме полисите да се пресметуваат според прометот на агенцијата, бидејќи тоа е најреално. Оваа година сите четири осигурителни куќи излегоа со идентични понуди, што се случува за прв пат. Второ, сите агенции добија понуди само од таа компанија кај која претходната година се осигурале, иако аплицирале за сите. Понудени ни се анекси на договорите, наводно додека не биде усвоен новиот закон за туризам“ – додава Матијевиќ. Таа се сомнева дека се работи за договор помеѓу осигурителите. Запрашана дали смета дека поскапите полиси ќе донесат поголема заштита за патниците, вели дека тоа нема врска со условите за клиентите. Тоа е само прилика за осигурителите да се заштитат, а во интерес на патниците би било да се воведат чести контроли. За повеќето агенции кои имаат помал број на патници ова се невозможни услови за работење. Тие се откажуваат од организирање на патувања и почнуваат со продажба на ангажмани на други агенции.

Нов закон за туризам во Србија

Од  Министерството за трговија велат дека се запознаени со проблемот на малите агенции. Меѓутоа, до носењето на нов закон за туризам малку може да се направи. Претставници на малите агенции ќе бидат вклучени во изработка на одредбите од законот кои ја регулираат оваа област. Сепак не е возможно условите да останат исти како и претходните години, пред сѐ поради загубите на осигурителните компании. Тие вршат проценка на ризикот  и сакаат да ја надоместат штетата од минатата година. „Пазарот е слободен и ние не можеме да ги натераме осигурителните куќи да ги менуваат ценовниците. Инаку, само четири осигурителни компании се занимваат со осигурување на туристичките патувања, другите не сакаат. Очигледно тоа го сметаат за ризично“ – наведуваат од Министерството за трговија. Засега сигурно е само дека на организаторите на патувања ќе им бидат барани уште повеќе средства за осигурување. Тоа значи дека ќе бидат поскапи како полисите, така и лиценците.

Сподели ја оваа објава

Коментари

%d bloggers like this: