Младите претприемачи и стартап компании влегуваат во осигурителната индустрија - Bits of insurance

Младите претприемачи и стартап компании влегуваат во осигурителната индустрија

Дигитализација на европскиот извештај за пријава на штета, онлајн компарација на цени на осигурување од автоодговорност и КАСКО како и решение за прибирање и обработка на податоци за возење се дел од дигиталаните решенија кои ги презентираа претприемачи и стартап компании на денешната Start up Pitch Session на конференцијата „Insurtech Skopje 2019“. Конференцијата се одржува денеска и утре и е во функција на дигитализирање на осигурителната индустрија во земјава. Организатори се Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Стопанската комора.

На конференцијата се претставија девет стартап компании.

– Ова е одлична можност за нивно промовирање, а за осигурителните компнии, пак, да разгледаат можности за инвестирање и поддршка на стартапите кои ќе помогнат во подобрување на работните процеси во друштвата за осигурување – рече директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Поповски.

Попоски рече дека идејате е да се воспостави соработка меѓу двата вида компании.

– Како регулатор на осигурителниот пазар се обидуваме да создадеме платформа за комуникација на осигурителната индустрија и стартап компаниите кои создаваат дигитални решенија. Создаваме и поволна регулаторна рамка за да може секој да го најде својот интерес – вели Поповски.

На настанот беа презентирани и израелските искуства на соработка на стартап компаниите и осигурителните друштва.

– Напредокот во осигурителната технологија може да донесе профит и придобивки за сите во македонската осигурителната индустрија – рече Кофи Бенделак, главен извршен директор на „Insurtech Israel“.

Тој, како што рече, смета дека во наредниот период ќе има големи промени и во македонската осигурителна индустрија.

– Осигурителната технологија во Македонија е мошне активна во последниот период. Напредокот во оваа технологија може да им донесе профит и продобивки на сите во оваа индустрија и на граѓаните – рече тој.

Израел кој е водечки во овој сектор има над 6.000 стартапи и ги организира во еко заедници за да си помагаат меѓу себе и полесно да се пробијат на пазарот.

– Имаме дваесетина компании кои се занимаваат со осигурителна технологија и се мошне поврзани со заедницата која им дава можност да одат понатаму и да напредуваат – рече тој.

Дополни дека идеите на стартапите за осигурителниот пазар се нудат како услуга на пазарот и не се финансираат осигурителните компании.

– Финансиите доаѓаат од компании како нас, а не од осигурителните компании, бидејќи доколку ги финансира некоја осигурителна компанија не ќе може да соработуваат со останатите осигурителни компании- рече Бенделак.

Конференцијата ќе продолжи и утре кога ќе бидат претставени реномирани и успешни примери на insurtech компании.